Националниот ден на Австралија прославен и од македонската заедница во Викторија

01 / 02 / 2012

И оваа година во Мелбурн, Викторија, на 26-ти јануари се прослави Националниот ден на Австралија, каде зедоа учество сите заедници од ова мултикултурно општество, вклучувајќи ја и македонската.

 

При претставувањето на нашата култура и традиција, свој придонес даде Советот на македонската заедница од Викторија, претставници од играорните групи „Александар Македонски III“ и „Танец“, фолклорната група „Весели Ресенчани“, како и неговото Високопреосвештенство г-дин Петар, митрополит Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски со дел од свештенството од Мелбурн. Парадата започна со поздрав од премиерот Тед Бејли и градоначалникот Роберт Дојл, а потоа сите седумдесет и седум групи продефилираа во своите национални носии и со свои музички изведби. Прославата се финализира со испукување на почесни топовски плотони од страна на Армијата и со аеро изведба.